Хуан Роман Рикелме, славниот поранешен аргентински фудбалер, а сега потпретседател на Бока јуниорс вели дека уругвајскиот ветеран Единсон Кавани е „идеалниот“ фудбалер за неговиот клуб, но додава дека не се сигурни дали можат да си го приуштат.
Поранешниот напаѓач на Наполи и Пари Сен-Жермен е слободен играч по две сезони во Манчестер јунајтед, и шпекулациите подолго време го поврзуваат со аргентинскиот гигант.
„Кавани е роден да игра во овој клуб, но друга приказна е дали можеме да си го приуштиме. Сонуваме за тие фудбалери, но не е лесно да се донесат. Имавме долгови во клубот, но во две години успевме да изградиме добар тим и задоволни сме од тоа што го имаме. Артуро Видал и Алексис Санчез се други ѕвезди кои би ги сакале, но ќе видиме дали можеме да го оствариме тоа“, вели Рикелме за „Оле“.