Поранешната ѕвезда на Барселона, Ривалдо му порача на Герет Бејл да го прекрати „проблематичниот“ престој кај Реал Мадрид и повторно да стане суперѕвезда со тимот на Њукасл.
Бејл подолго време е на „излезна врата“ од „Сантијаго Бернабеу“ по конфликтите со тренерот Зинедин Зидан, но ретко кој може да му даде идентична плата како „кралскиот клуб“. Пред летниот преоден рок повторно има голем број на шпекулации за враќање во англиската Премиер лига и Ривалдо смета дека Њукасл, кои се очекува да добијат супер-богати газди од Саудиска Арабија се совршени за него.
„Има шпекулации дека тој е понуден на американските МЛС клубови и дека е подготвен за преселба таму, но мислам дека уште има што да покаже во европскиот фудбал на 30 години. Неговата кариера во Реал е при крај и шансите да биде меѓу стартните 11 се многу мали бидејќи клубот не му верува дека е човек за одлуки. Поради тоа, тој би можел да се врати во Премиер лигата, а ако се оствари преземањето на Њукасл, тоа би бил совршен трансфер за него, бидејќи може повторно да стане ѕвезда и да заработува многу пари. Во Њукасл, тој би бил лидер на обновениот тим во Премиер лигата“, смета Ривалдо.