Манчестер сити се најдобрата опција за Лео Меси, вели поранешната легенда на Барселона, Ривалдо, кој додава дека Пеп Гвардиола би го градел цел тим околу својот миленик.
Вторникот беше одбележан со вестите дека Меси побарал трансфер од „Ноу Камп“ со обидување да се активира клаузулата со која би заминал без отштета по 16 години во Каталонија и повеќе извори, како и обложувалниците го поставија Манчестер сити како главен фаворит за потписот на 33-годишниот Аргентинец.
„Манчестер сити би биле најдобра опција за Лео. Тој има 33 години и неговиот квалитет и талент се несомнени и мислам дека има уште неколку години на врвот. Во Англија би можел да блесне. Гвардиола добро ги знае неговите квалитети и ќе најде начин да ги вклопи другите фудбалери околу него. Неговиот талент секогаш ќе се покаже и би бил шампион и во Премиер лигата“, вели Ривалдо.
Тој смета дека најголемата „навреда“ би била Меси да замине бесплатно.
„Во време кога секој клуб се соочува со тешкотии поради пандемијата, доколку успее да замине бесплатно би бил огромен удар. Тоа е најголемата пречка, бидејќи Барса сака да добие пари. Кристијано Роналдо кога замина од Мадрид, тие барем добија 100 милиони евра“, објаснува Ривалдо.