Top Sport

Робињо: Расистичка Италија ме осуди за силување

Робињо (40) е осуден во Италија на девет години затвор за групно силување на девојка која го прославувала својот 23 роденден во ноќен клуб во Милано во 2013 година. Тогаш беше напаѓач на Милан и бразилската репрезентација.

Бразилскиот суд му забрани да го напушти Бразил додека не одлучи дали може да ја отслужи деветгодишната казна за силување, изречена од италијанскиот суд, во неговата татковина.

Трофејниот напаѓач, поранешен фудбалер на Сантос, Реал Мадрид, Манчестер Сити и Милан, тврди дека е невин и дека целиот процес би изгледал поинаку доколку бојата на неговата кожа била поинаква. Одлуката дали ќе мора да оди во затвор треба да биде донесена во среда.

„Во Италија неправедно ме обвинуваат за нешто што не сум го направил и имам се што ми треба за да го докажам тоа. Играв во Италија четири години и уморен сум од расизмот. Не се сомневам дека процесот против мене ќе биде поинаку ако бев белец“, рече тој.

Минатата година бразилскиот портал „УОЛ“, објави аудио снимки од 2014 година на кои Робињо разговара со пријателите за силувањето на девојката.

„Ќе ја удриме по лице. Ќе ја удриш и ќе кажеш: „Што ти направив?“, рекол Робињо, што може да се слушне на видеото. Бразилецот тврди дека не учествувал во силувањето.

Во видеото, Робињо раскажува како го напуштил ноќниот клуб откако имал секс со девојката, додека неговите пријатели останале со неа. Тој бил загрижен што ќе се случи со него доколку инцидентот излезе во јавноста.

„Ако ова заврши во медиумите, ќе бидам уништен“, вели Робињо во видеото, пренесуваат бразилските медиуми. Во друг момент вели: „Таа беше пијана, не знае ни кој сум јас, ништо нема да се случи“.

Робињо поднесе жалба до неколку судови, но италијанскиот Врховен суд ја потврди деветгодишната казна, по што италијанските обвинители распишаа меѓународна потерница. Но, Бразил не ги екстрадира своите граѓани, па Италија побара Робињо да ја отслужи казната во Бразил.

Scroll to Top