Top Sport

Рома го доби трилерот со пет гола против Џенова (видео)

Рома и Џенова одиграа супер-интересен дуел во последниот меч од 16. коло во Серија А, во кој Грифоне водеше двапати, но на крајот си замина без поени од „Олимпико“ по 3:2 победата на „волчицата“.

Полјакот Кшиштоф Пјатек уште во 17. минута го „затресе“ Рим користејќи ја бизарната грешка на голманот Олсен, пред Федерико Фацио по 31 минута игра да израмни за Рома. Меѓутоа, Џенова повторно се врати во водство со голот на Оскар Хилјемарк само три минути подоцна. Јустин Клајверт со фантастичен „трк“ израмни пред крајот на полувремето.

Одлучувачкиот гол го постигна Брајан Кристанте по одлично двојно проигрување со младиот Клајверт. Македонскиот капитен, Горан Пандев доби шанса во последните 20 минути од натпреварот, но не успеа да донесе бод за Џенова.

Со трите поени, малку се крева притисокот од тренерот Еузебио ди Франческо, бидејќи Рома се врати на шестото место со 24 поени, еден помалку од градскиот ривал Лацио на петтото место и два зад Милан на четвртата позиција.  Џенова, под водство на новиот тренер Чезаре Прандели, повторно загуби и се наоѓа на 15. место со само 16 поени.

Фото: ЕПА

Scroll to Top