Top Sport

Роналдињо е импресиониран: Мартинели наликува на Роналдо! (видео)

Бразилската фудбалска легенда, Роналдињо вели дека гледа огромна сличност помеѓу младиот фудбалер на Арсенал, Габриел Мартинели и уште еден бразилски легендарен фудбалер, Роналдо.

18-годишниот Мартинели направи „скок“ од најниската бразилска фудбалска лига во Премиер лигата, откако Арсенал го купија од Итуано, и импресионираше со 10 гола во 21 настапи во сите натпреварувања во тешка сезона за „топчиите“.

Младиот фудбалер стана сензација откако истрча над 60 метри за да постигне фантастичен гол за израмнување при 2:2 ремито со Челси, гол што многумина ги потсети на спектакуларниот гол на Роналдо против Компостела додека беше фудбалер на Барселона. Роналдињо се согласува.

„Ние во Бразил сме многу возбудени од него и од неговата иднина. Едно нешто е да имаш талент, но на 18 години да ја имаш таа самодоверба е многу необично. Тој ме потсетува на Роналдо во неговата прва сезона во Европа кога имаше 30 гола и кога сите се чудеа, кое е ова 18-годишно бразилско момче. Ја сакаше топката, трчаше по фудбалерите, немаше страв против никого, а истото го гледаме и кај Мартинели. Тој сака да биде со топката и да постигнува голови и може да биде најдобриот ако ја има таа амбиција“, вели Роналдињо.

Мартинели може да почека да дебитира за бразилската репрезентација во која има напаѓачи како Нејмар, Роберто Фирмино и Габриел Жесус, но Роналдињо верува дека селекторот Тите го следи тинејџерот.

„Сигурен сум дека тоа ќе се случи многу бргу. Во репрезентацијата годините никогаш не биле најважни. Роналдо играше на 17 години, а во последно време Нејмар и Жесус играа додека беа тинејџери“, додава Роналдињо.

Scroll to Top