Бразилската фудбалска легенда Роналдињо го прослави својот 40. роденден со скара во затвор, а преку социјалните мрежи доби пораки на поддршка на неговите сонародници Роналдо и Роберто Карлос.
Еден од најталентираните фудбалери во историјата на спортот, јубилејниот роденден го прославува во парагвајски затвор откако наводно користел лажен пасош за влегување во земјата и му се заканува казна од дури шест месеци.
Неговите поранешни соиграчи не го заборавија. 43-годишниот Роналдо објави фотографија на Инстаграм со Роналдињо и со порака: „Честитки, друже! Да ги надминеш овие тешки моменти во животот со радост како и секогаш“.
46-годишниот Карлос пак му прати порака со видео во кое играат заедно: „Најдобри желби за Роналдињо. Среќен роденден пријателу“.
Роналдо и Роналдињо се вистински фудбалски икони во Бразил откако им ја донесоа титулата од СП во 2002 година.