Кристијано Роналдо вели дека големото италијанско дерби со Интер ќе биде „исто толку добро“ колку и шпанското „Ел класико“, откако двата меча се закажани во недела.
Португалецот играше во огромен број на дуели на Реал Мадрид со Барселона, според многумина најголемото клупско фудбалско дерби, но сега е фокусиран на „Дерби д’Италија“, дуелот на Јувентус и Интер, кој овојпат може да биде одлучувачки за скудетото.
„Тоа ќе биде голем меч, исто како тој на Реал Мадрид и Барселона, кој исто така е на програмата во недела навечер. Мечот со Интер е еден од тие мечеви кои навистина сакаш да ги играш, како и тие со Милан и Лацио. Секој сака да игра во дерби. Мораме да бидеме на високо ниво за да освоиме три поени“, вели Роналдо.
Оваа година „Дерби д’Италија“ ќе биде необично во тоа што ќе се игра без публика поради ширењето на корона вирусот во северна Италија.
„Секако, нема да биде исто да се игра без навивачи, но знаете, здравјето доаѓа на прво место и ако затворањето на стадионот е најдобар начин да се решат проблемите, тогаш мораме да се согласиме“, додава Роналдо.