Манчестер јунајтед потврдија дека Кристијано Роналдо нема да патува со тимот за саботното дерби со Челси, откако вчера успеа да го „расипе“ триумфот од 2:0 над Тотенхем со заминување од стадионот пред мечот да заврши откако беше лут што не влегол во игра.
Денешните шпекулации пак, велеа дека тој одбил да влезе во игра во второто полувреме на мечот, по што си заминал не само од клупата, туку и од стадионот. Менаџерот Ерик Тен Хаг изјави дека денеска ќе се „справи“ со ситуацијата, и откако Роналдо беше повикан на разговори од клубот потврдија дека тој нема да биде дел од составот за мечот со Челси.
„Кристијано Ронадо нема да биде дел од тимот на Манчестер јунајтед за саботниот меч од Премиерлигата против Челси. Остатокот од тимот е целосно фокусиран на тој меч“, се вели во објавата на веб-сајтот на клубот.
Ова е само кулминација на незадоволството на 37-годишниот Португалец на „Олд Трафорд“, откако имаше неуспешен обид да си замине во текот на летото, пропуштајќи ја пред-сезоната и турнејата на клубот во Азија и Австралија, по што Тен Хаг не му дава постојано место во составот. Ќе биде интересно во јануари.