Top Sport

Роналдо признава: Зидан ме правеше да се чувствувам посебен

Кристијано Роналдо можеби се подготвува да ја стартува втората професионална сезона како фудбалер на Јувентус, но открива дека неговиот поранешен тренер во Реал Мадрид, Зинедин Зидан го правел да се чувствува „посебен“, фалејќи ги квалитетите на Французинот како фудбалски тренер.

Роналдо си замина од Реал пред минатата сезона со договор од 100 милиони евра во Јувентус по освојувањето на трите титули во низа од Лигата на шампионите под водство на Зидан. Освојувачот на пет „златни топки“ додека беше на „Бернабеу“ во интервју за „ДАЗН“ открива што значи Французинот на тренерската позиција.

„Самодовербата која му е потребна на секој фудбалер не доаѓа само од себе, туку и од фудбалерите со кои се игра и секако, тренерот. Мораш да се чувствуваш дека си дел од важна група и Зидан ме направи да се чувствувам посебно. Ми помогна многу. Имав респект за него и претходно, но работата со него ме направи да го ценам уште повеќе. Поради начинот на кој зборува, на кој го води тимот, на кој се однесуваше кон мене. Секогаш кажуваше: ’Крис, опушти се и играј ја твојата игра, ти си тој кој ќе направиш разлика’. Секогаш беше искрен со мене и секогаш ќе го почитувам поради тоа“, вели Роналдо.

Зидан се врати во Реал Мадрид во март откако си замина по финалето од ЛШ во 2018 и победата над Ливерпул. По него тренери беа Хулен Лопетеги и Сантијаго Солари, а Реал имаше лоша сезона во Ла лига и во Лигата на шампионите. Роналдо ја освои италијанската титула со Јувентус, но исто така „падна“ во ЛШ во четврт-финалето.

Scroll to Top