Top Sport

Роналдо сакал во Арсенал во јануари за да ја освои титулата

Кристијано Роналдо сакал да се приклучи на Арсенал и со негова помош тие ќе станале шампиони, тврди новинарот Пирс Морган, добар пријател на Португалецот.

Манчестер јунајтед му го раскинаа договорот на Роналдо во декември по експлозивното интервју кај Морган, каде што го нападна менаџерот Ерик Тен Хаг, дел од соиграчите, но и газдите на клубот. Тогаш се шпекулираше дека тој има повеќе опции во Европа и САД, пред да го потпише најбогатиот договор во историјата со саудискиот Ал-Наср. Според Морган, инаку страствен навивач на Арсенал, 38-годишниот Португалец ќе завршел во Арсенал доколку „топчиите“ го побарале.

„Потсмевајте се колку сакате, но ако потпишавме со Роналдо кога си замина од Манчестер јунајтед, како што тој сакаше до крајот на сезоната, ќе ја освоевме лигата. Тој знае како да освојува големи титули и да дава голови кога е најпотребно“, напиша Морган на Твитер.

Роналдо имаше три гола за Јунајтед пред да замине, по што постигна 12 гола во 16 настапи за Ал-Наср.

Scroll to Top