Кристијано Роналдо е вистински кошмар за тимот на Атлетико Мадрид, откако постигна хет-трик во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите и со 3:0 победата ги елиминираше „јорганџиите“ и им даде надеж на навивачите на Јувентус дека трофејот од ЛШ е на дофат. На „Етихад“ пак, Манчестер сити ги покажа своите шампионски амбиции „разбивајќи“ го Шалке со неверојатни 7:0 за да го потврдат своето место меѓу најдобрите осум.
Јувентус го донесоа ЦР7 токму за толку посакуваната титула од Лигата на шампионите, и досега „парите им се исплатеа“. Роналдо постигна два гола со глава и еден од пенал, благодарение на одличниот Бернардески, за вкупно да има 25 гола против Атлетико Мадрид во сите натпреварувања и неверојатни 124 гола во Лигата на шампионите.
Атлетико од друга страна не може да се пофали со играта – „колчонерос“ имаа 0 удари на гол во текот на 90-те минути, 0 корнери и 38 отсто од поседот на топката.
Во Манчестер пак, иако беше јасно дека Сити е поблиску до осминафиналето по 3:2 победата на гости во Гелзенкирхен, никој не очекуваше голеада од актуелниот англиски шампион.
Тие уште во првото полувреме го решија патникот во четврт-финалето по двата гола на Серхио Агуеро и едниот на Лирој Сане, по што во второто полувреме му дадоа уште четири на германскиот клуб – Рахим Стерлинг, Бернардо Силва, Фил Фоден и Габриел Жесус се запишаа во листата на стрелците во еден застрашувачки гест кон конкуренцијата, која сигурно нема да го сака Сити во ждрепката.
Фото: ЕПА