Кристијано Роналдо, колку обичните фудбалски фанови го сакале или мразеле, уште еднаш покажа дека е еден од најдобрите во историјата на играта со „бубамарата“, откако со хет-трик успеа да донесе 3:3 реми против соседите Шпанија.
Роналдо постигна гол од пенал, гол од игра со удар од надвор од шестнаесетникот, и на крајот гол од слободен удар, за да надополни за реалната предност која ја имаше „фуријата“ под водство на преодниот селектор Фернандо Јеро.
Шпанија, пак, беше репрезентацијата која беше најмногу потресена пред стартот на шампионатот, по отпуштањето на Хулен Лопетеги пред само два дена, но и покрај некои ситни проблеми во играта – некарактеристичните грешки на Давид де Хеа и релативната безопасност на Андрес Иниеста, Јеро може да биде задоволен од играта, ако не и од резултатот.
Роналдо ја „шокираше“ фуријата уште во четвртата минута, кога го навлече Начо да направи фаул за пенал, кој потоа лесно го реализираше за водство на актуелните европски шампиони. Ова беше неверојатно четврто СП на кое постигнува гол Роналдо, за да стане само четврти фудбалер со ваков успех и неверојатно осмо големо натпреварување (СП и ЕП) на кое тој е стрелец.
Диего Коста одговори во 24. минута со прекрасен гол постигнат откако со лакт го удри Пепе, и во историски момент, ВАР системот за помош на судиите оцени дека нема проблем со ситауцијата. Роналдо повторно „удри“ во 44. минута, кога од работ на шестнаесетникот упати удар на кој Давид де Хеа реагираше прилично аматерски (некои би го споредиле со реакцијата на Лорис Кариус во финалето на ЛШ).
Сепак, Шпанија ја презеде контролата на мечот во второто полувреме, доминирајќи во поседот, и за само три минути направи целосен пресврт. Диего Коста прво во 55. минута израмни, пред Начо да постигне фантастичен гол за водство од 3:2.
Кога се мислеше дека мечот е одлучен, во 88. минута од мечот, Жерард Пике прави фаул на работ на шестнаесетникот и мајсторот Роналдо не пропушта шанса да ги „крене“ своите сонародници до одличен резултат.
Фото: ЕПА