Манчестер Јунајтед го победи Тотенхем со 2-0 на „Олд Трафорд“ и покажа знаци на значителен напредок, но вниманието сепак го привлече Кристијано Роналдо кој уште еднаш покажа непрофесионално однесување. Со оглед дека не влезе во игра, тој замина од клупата додека мечот се уште траеше.
Роналдо во 90.минута реши да стане од клупата за резерви и се упати кон соблевалните. Тоа само докажува дека португалската ѕвезда најмногу мисли на себе и на својот имиџ, а не му е премногу важен тимот.
Менаџерот Ерик тен Хаг синоќа не сакаше да зборува за постапката на Роналдо и рече дека тоа ќе се решава во клубот во текот на денешниот ден.
„Не сакам да зборувам сега за Роналдо. Ќе ја славиме оваа голема победа, а утре ќе ја решиме таа работа“, изјави Тен Хаг по синоќешниот триумф.
Се очекува Португалецот да биде драстично казнет од клубот, а ова сигурно уште повеќе ќе го забрза процесот на негово заминување од „Олд Трафорд“.