Кристијано Роналдо планира својата професионална кариера да ја заврши во Реал Мадрид, откако ја освои петтата „Златна топка“ во четвртокот и се израмни со Лионел Меси.
По добивањето на трофејот, Роналдо јасно посочи дека сè уште се наоѓа во зенитот на својата кариера и би сакал да остане со „Лос бланкос“ и во иднина.
„Се надевам дека ќе можам да играм на највисоко можно ниво уште неколку години. Продолжува битката со Меси. Двајцата правиме најдобро што можеме за своите клубови. Мислам дека работите се случуваат со причина. Се чувствувам добро, ќе видиме што носи иднината. Среќен сум во Реал и сакам таму да ја завршам кариерата, ако тоа е можно“, вели Роналдо.
Роналдо постигна 42 гола во сите натпреварувања во сезоната 2016/17, предводејќи го Реал Мадрид до титула од Ла лига и од Лигата на шампионите. 32-годишниот Португалец имаше 12 гола во ЛШ минатата сезона, вклучувајќи два во финалето против Јувентус. Оваа година, тој постигна голови во сите шест натпревари од групната фаза на ЛШ, поставувајќи рекорд, но додаде само два гола во Ла лига во 10 меча.