Напаѓачот на Јувентус, Кристијано Роналдо, изјавил дека се чувствува среќен во Италија и дека Шпанија не му недостига иако во Мадрид живееше полни девет години.
Роналдо, на крајот од минатата сезона, реши да ја прифати понудата на Јувентус. За сума од 100 милиони евра тој го напушти Мадрид и се пресели во Торино.
„Секогаш сум живеел на некое друго место, од дома заминав кога имав 11 години, немам проблем да се прилагодам на друга држава. Во Англија заминав кога имав 18, во Мадрид на 25, а во Торино на 33 години“, рекол Португалецот.
Роналдо проговорил и за националните првенства во кои настапувал. Во моментов заедно со Кшиштоф Пјонтек од Милан е прв на листата на стрелци во Серија А.
„Мислам дека е многу потешко се постигнуваат голови во Серија А отколку во Ла Лига. Во Шпанија се игра отворен фудбал, тимовите повеќе ризикуваат, додека во Италија прво мислат како да се одбранат, а потоа напаѓаат. Играв пет сезони во Англија и мислам дека во Италија потешко се постигнува гол отколку во Премиер лигата. Серија А е најтешка за напаѓачите и генерално лигата е квалитетна“, заклучил Роналдо.