Дени Роуз, фудбалерот на Тотенхем кој е на позајмица во Њукасл, верува дека неговиот поранешен менаџер Маурисио Почетино еден ден ќе стане прв човек на Манчестер јунајтед.
Почетино беше отпуштен од Тотенхем по лошиот старт на сезоната во Премиер лигата, и на негово место дојде Жозе Мурињо, кој пак, го прати Роуз на позајмица на „Сент Џејмс парк“ поради конфликтот со него.
„Без сомнеж тој ќе биде тренер на голем тим. Кој? Евентуално Јунајтед, сигурно“, вели Роуз.
Тој вели дека не било лесно да се работи под Почетино и дека му е подобро под англиски менаџер како Стив Брус во Њукасл.
„Поч имаше различна култура од Британците. Не дека не разбираше што се случува, но сепак… Никогаш не можеше да сфати зошто Британците сакаат толку алкохол и тука немаше компромиси. Кога ги победивме Ајакс во Лигата на шампионите и се пласиравме во полуфиналето, не ни даде пијачка на авионот назад. Утре тренирате, ќе станете во 9 часот. Британските менаџери работат поинаку“, вели Роуз.