Претседателот на Баерн Минхен, Карл-Хајнц Румениге вели дека парите на Манчестер сити и Пари Сен-Жермен се виновни што цените на фудбалерите драстично „скокнаа“ последните неколку сезони.
ПСЖ во август минатата година го срушија светскиот рекорд откако платија 222 милиони евра да го откупат договорот на Нејмар од Барселона, по што ова лето дадоа 180 милиони евра да го купат Килијан Мбапе од Монако (откако една сезона играше како позајмен фудбалер). Сити, пак, за сезоната 2017/18, во која ја освоија титулата во Англија потрошија околу 200 милиони фунти, за ова лето да го донесат Ријад Марез.
Баерн од друга страна има скромна активност на трансфер-пазарот и Румениге вели дека моќта на Сити и ПСЖ е виновна.
„Гвардиола кажа дека планираат да купат уште неколку фудбалери, но решија да не го направат тоа бидејќи не сакаат да се дел од лудоста. Бев малку изненаден, но мислев дека може да биде прекрасно ако е вистина, но не издржаа до крајот на преодниот рок. Сити, ПСЖ, тие се одговорни за инфлацијата. Реал Мадрид последните години не трошеше речиси ништо, што е доказ дека не треба да трошиш како луд да стигнеш до Лигата на шампионите. Тоа е и нашата цел“, вели Румениге за „Меркур“.
Тој претходно инсистираше дека Баерн во никој случај нема да го продаде Роберт Левандовски, дури и цената да биде 150 милиони евра. Останува да се види дали германскиот гигант ќе остане на зборот.