Вејн Руни, еден од играчите кои обележаа една деценија во светскиот фудбал, на залезот на кариерата реши да ја прифати понудата на Ди-Си јунајтед од Вашингтон. Англичанецот бргу ги освои срцата на навивачите на овој тим, со својот однос кон тимот и со 12 гола на 19. натпревари со кои му овозможи на тимот место во плејофот.
Руни во Вашингтон се однесува како вистински професионалец кој целосно му е посветен на тимот.
„Бизнис инсајдер“, објави дека клупските челници биле шокирани од реакцијата на Руни кога пристигнал во Вашингтон. Тој одбил на гостувањата да престојува во луксузни хотелски соби и да лета во првата класа.
Децидно им рекол на челниците на Ди-Си јунајтед дека сака да има третман како и сите останати играчи во тимот.
„Ако сакате да бидете дел од тимот, вие мора да бидете дел од тој тим и да делите се со своите колеги. Не сакам посебен третман, сакам да бидам еднаков со останатите играчи. Јас сум дел од тимот“, рекол Руни.
Огромното искуство од Премиер лигата и Манчестер јунајтед му помогнале полесно да се адаптира во новиот клуб.
„Ова не наука за ракети! Посебно ако треба да воспоставите контакт со колегите и да разговарате со нив. Познавам многу играчи што дојдоа тука, сјајни играчи од други држави кои се сакале да се прилагодат и да бидат дел од тимот за кој настапуваат. Мислам дека е многу важно да станеш дел од нив. Само така можете да остварувате добри резултати“, заклучил Руни.