Легендата на Манчестер јунајтед, Вејн Руни влезе во неочекувана одбрана на толку омразените газди на клубот, американското семејство Глејзер, велејќи дека лутите навивачи никогаш нема да признаат што тие направиле во „многу успешниот“ период на клубот.
Од преземањето на клубот во 2005 година, Манчестер јунајтед освои пет титули во Премиерлигата, иако ниту една од заминувањето на Сер Алекс Фергусон во 2013, како и една титула од Лигата на шампионите, една од Лига Европа, една од ФА купот и 5 од Лига купот. Глејзери постојано се критикувани за „извлекување“ пари од клубот и недоволни инвестиции и мнозинството едвај чекаат тие да го продадат клубот. Руни не се согласува.
„Тие беа многу успешни. Но, најверојатно стигна време во кое навивачите сакаат промена и поинаква насока. Потребно е враќање на возбудата, не само за првиот тим, туку и за академијата. Сигурен сум дека нема да ги добијат пофалбите кои ги заслужуваат и наместо тоа ќе има само негативност од фановите кои никогаш нема да признаат дека направиле нешто добро. Сепак, сметам дека е потребна промена“, вели Руни за „Атлетик“.
Иако процесот на продажба трае од октомври, и постои огромен интерес од Катар и од најбогатиот Британец, Сер Џим Ретклиф, уште е нејасно дали Глејзери целосно ќе го продадат клубот.