Легендата на Манчестер јунајтед и англиската репрезентација, Вејн Руни призна дека на почетокот на својата кариера имал голем проблем со обложувањето и коцкањето, велејќи дека главната причина била досадата и леснотијата со која се поставуваат облози.
34-годишниот Руни, кој оваа недела дебитираше за Дерби каунти како фудбалер и тренер признава дека додека бил во Манчестер јунајтед постојано се обложувал, иако сега целосно се откажал.
„Кога ќе одевме на гости со Манчестер јунајтед, престојувавме во хотел, а со Англија во хотел си седум до десет дена. Почнува да ти е досадно и наоѓаш работи за забава, и обложувањето беше една од тие работи. Беше лесно да се обложуваш преку телефон, бидејќи не чувствуваш дека се вистински пари. Почнав да губам и не ја сфаќав сумата. Кога губев се обидував да си ги вратам парите. Потоа не се обложував. Научив од моите грешки. Да продолжев ќе загубев многу и ќе завршев во лоша ситуација“, вели Руни.
Тој вели дека ќе се обиде пораката да ја прати до своите колеги од Дерби.
„Важно е да ја сфатиш одговорноста за парите кои ги заработуваш, кои сега во фудбалот се големи суми. Важно е да се грижиш за своите пари“, додава Руни.