Русија нема да ги одмори своите најдобри играчи во одлучувачкиот меч од групата А против Уругвај, иако двете репрезентации веќе се во осминафиналето и нема да имаат луксуз да ги бираат противниците од Б групата.
Мечевите Уругвај-Русија и Саудиска Арабија-Египет се на програмата од 16 часот, додека пресметките од Б групата Мароко-Шпанија и Иран-Португалија се играат од 20 часот, а таму не е јасно кој ќе биде прв, а кој втор во групата. Шпанија, Португалија и Иран имаат шанси да бидат во осминафиналето.
„Играме против силен тим на Уругвај и сакаме да влеземе во втората рунда како првопласирани. Фудбалерите кои се во најдобра можна форма ќе играат, а тоа ќе го одреди медицинскиот тим. Не планираме никакво попуштање“, вели рускиот селектор, Станислав Черчесов.
Уругвај во својот состав ги има мега-ѕвездите Луис Суарез и Единсон Кавани како и историја на добри резултати на Мундијалите, додека за Русија ова е првпат од распаѓањето на Советскиот Сојуз да се помине групната фаза.
Русите се во подобра позиција бидејќи по убедливите победи над Саудиска Арабија и Египет има подобра гол-разлика, така што и реми ќе им биде доволно за првото место.
Фото: ЕПА