Русија на чекор до пласман во осминафиналето на домашното Светско првенство, откако со 3:1 го совладаа Египет со Мо Салах во тимот покажувајќи дека 5:0 победата над Саудиска Арабија не била случајност.
Русите на стартот на шампионатот немаа многу голема доверба во својата репрезентација, со една желба да се помине во втората фаза, а по победата над Египет, останува уште пресметката со Уругвај, која ќе биде најсериозниот тест за тимот на Станислав Черчесов.
Египет несреќно загубија од Уругвај во првиот меч на Мундијалот без Салах во тимот, така што очекувањата беа големи на „Крестовски“ во Санкт Петербург, а во првото полувреме двата тима немаа многу шанси. Салах беше во најизгледната ситуација во финишот на полувремето, додека Русите постојано се обидуваа да му изградат добра шанса на Артем Ѕјуба без некој резултат.
Домаќините го почнаа второто полувреме со гол, откако по ударот на Зобнин од дваесетина метри, кој не одеше кон голот, домашниот дефанзивец Фати си постигнува автогол, уште еден на Мундијалот.
По ова следуваше вистинскиот шок за „фараоните“, откако за само три минути, Русите зголемија на 3:0, практично решавајќи го мечот. Во 59. минута, Самедов го наоѓа затрчаниот Черишев кој постигнува убав гол. Во 62. минута, Ѕјуба ја матира одбраната на Египет за убедливи 3:0.
Египќаните се обидоа да се вратат во игра и да постигнат почесен гол, и во 67. минута, Салах убаво го наоѓа Трезеге, кој од петнаесетина метри упатува удар кој поминува покрај дирекот. Салах, конечно, се запишува во листата на стрелците во 73. минута, кога е фаулиран на работ на шестнаесетникот, и по консултации со ВАР-системот, е сигурен против Акинфеев да намали на 3:1.
По ова, Египет сѐ фрли на нападот, но Русите беа сигурни во одбраната и се закануваа со брзи контранапади. Сепак, останува впечатокот дека аргентинскиот селектор на Египет, Ектор Купер можеше да игра малку похрабро во двата меча на Мундијалот. За Египет следува мечот против Саудиска Арабија, каде што ќе се обидат да стигнат до почесна победа.
Фото: ЕПА