Пред саботната голема пресметка во четврт-финалето во Катар помеѓу Англија и Франција, Букајо Сака не сакаше да биде споредуван со Килијан Мбапе и покрај неговата растечка репутација на Мундијалот.
21-годишниот фудбалер на Арсенал има два гола во три настапи за Англија во Катар по 3:0 триумфот над Сенегал. Тој беше спореден со Мбапе, кој пред четири години на СП во Русија блесна и ја доби наградата за најдобар млад фубалер на шампионатот за со 4 гола да помогне Франција да го освои трофејот.
„Ви благодарам за комплиментот, но не е така. Има само еден Килијан Мбапе. Но, исто така има и само еден јас. Сакам да бидам тој што сум и да помогнам на тимот колку што можам. Има многу млади фудбалери на шампионатот, дури и во нашиот тим, има млад фудбалер кој е неверојатен – Џуд Белингем. Ние сме среќни што сме тука и што ни оди добро. Главната цел е да се освои турнирот, а не да се биде најдобар играч на турнирот“, овели Сака.
Сака, заедно со Џејдон Санчо и Маркус Рашфорд, утна пенал во минатогодишното финале на ЕУРО 2020 против Италија на „Вембли“, по што добиваа голем број на навреди, од кои дел на расна основа. И покрај ова, тој вели дека е подготвен пак да шутира пенали.
„Созреав многу од тој меч со Италија и мислам дека сум подобар играч. Немаше да изведувам три пенали за Арсенал ако се плашев. Секако, нема да го заборавам тој момент, но во исто време, тука со три гола се кренав високо“, вели Сака.