Top Sport

„Joga Bonito“ пристигна во Катар – маестралниот Бразил во четврт-финале

Joga Bonito! Или во превод „Прекрасната игра“, стилот на фудбал кој се обожава во Бразил и кој вклучува убавина, стил и индивидуална умешност. Нешто што бразилската репрезентација го покажа во првото полувреме од осминафиналето на СП во Катар против Јужна Кореја, доминирајќи за на крајот да стигнат до 4:1 победа и да осигураат пресметка со Хрватска за пласман во полуфиналето.

Во лудите први 45 минути, Бразилците покажаа надмоќност во нападот, беа опасни од секоја позиција и постигнаа четири гола, и имаа доволно време да покажат и дел од своите танци. Јужна Кореја беше само немоќен набљудувач.

Со опоравениот Нејмар во составот како стартер, Бразил поведе уште во 7. минута кога Нејмар му асистираше на Винисиус Жуниор, а тој го постигна својот прв гол на Мундијалот. Веќе во 11. минута по еден фаул над Ришарлисон, Нејмар беше прецизен од белата точка, а „самбата“ продолжи во 29. минута, кога Ришарлисон го постигна својот трет гол на турнирот. Кога Лукас Пакуета во 36. минута зголеми на 4:0, танцувањето не престана на трибините, и прашањето беше само како ќе звучи конечниот резултат.

За волја на вистината, Бразилците го „спуштија“ темпото во второто полувреме, а Корејците и покрај високата разлика не покажаа дека се деморализирани и во 76. Паик Сеунг-Хо постигна убав гол за збогување од Катар.

Графика: Sofascore за Топспорт.мк

Scroll to Top