Top Sport

Саки не го критикува Спалети за ремито: Италија пак ја направи Македонија голема

Ремито на Македонија и Италија во Скопје, предизвикува огромни критики во италијанската јавност, која е разочарана од резултатот, но и од играта на „аѕурите“ и на одредени фудбалери. Поранешниот италијански селектор и легенда на Милан, Ариго Саки одбива вината да ја најде кај селекторот Лучано Спалети, велејќи дека тој не може веднаш да го смени менталитетот на играчите.

„Спалети не е виновен за ова реми, но реалноста е дека Италија повторно успеа ја направи Македонија голема и тоа е неприфатливо. Напаѓачите и играчите од средниот ред не се движат добро, дефанзивците премногу додаваат со долги топки и тоа придонесе да се соочиме со четири-пет контранапади. Немаше идеи, немаше играчки стил. Проблемот е во тоа што е потребно време да профункционира механизмот и од искуство знам дека нема време со репрезентацијата. Кога дадовме гол, почнавме да мислиме само на одбрана и тоа беше грешка. Но, на крајот, за жал, тоа беше реален резултат“, вели Саки за „Ла газета дело спорт“.

Пред дуелот со Украина во вторник, Саки има совет за Спалети.

„Мора да избере играчи на кои ќе може да смета и кои ги прифаќаат неговите идеи. Целта е да се изгради тим кој ќе биде умен. Лучано е голем тренер, но не е магионичар. Сепак, мислам дека можам да му светувам нешто. Презеде тим кој не е доволно добар, не ги познава добро и треба да направи група играчи на кои ќе смета како во Наполи. Селекторот нема време да го менува менталитетот на играчите, туку мора да ги избере тие кои се подготвени да ги слушаат неговите идеи“, додава Саки.

Scroll to Top