Top Sport

Салах е презадоволен – го сакам клубот, навивачите ме сакаат мене

Мохамед Салах вели дека е пресреќен од животот на „Енфилд“, додава дека ужива во животот во Англија и дека сака да донесе уште многу голови, победи и трофеи за Ливерпул.

Ова лето повторно се појавија шпекулации дека 27-годишниот Египќанец ќе замине од европскиот шампион, но тој има долгогодишен договор со „црвените“ и е миленик на публиката и на тренерот Јирген Клоп.

„Среќен сум во Ливерпул. Го сакам градот, ги сакам фановите и тие ме сакаат мене. Пресреќен сум“, вели Салах во интервју за „Си-ен-ен“.

Салах исто така признава дека не му се допаѓа ВАР системот кој оваа сезона дебитира во Премиер лигата, но очекува да добие и предност.

„Не ми се допаѓа. Тоа е мојот одговор секогаш. Сакам каков што е фудбалот без ВАР, со сите грешки на судиите, со целата агресија на фудбалерите. Досега сум ги прифаќал грешките на судиите, на фудбалерите бидејќи така фудбалот е повозбудлив. Сепак, со ВАР ќе има и повеќе голови и пенали за мене“, додава Салах.

Scroll to Top