Во еден неверојатен меч, Мохамед Салах даде хет-трик, а неговите Ливерпул стигнаа до незаборавна 0:5 победа на „Олд Трафорд“ во меч кој ја покажа немоќта на Манчестер јунајтед, и на крајот може да го чини Оле Гунер Солскјер неговата работа и покрај уверувањата од клубот дека тој ќе остане на кормилото на гигантот од северот на Англија.
Кошмарот за домашните навивачи на „Театарот на соништата“ почна рано, кога Салах му асистираше на Наби Кеита во 5. минута за водство, за само седум минути подоцна Диого Жота да зголеми на 0:2 по две катастрофални грешки на одбраната на Јунајтед предводена од Хери Мегваер. Салах во 38. минута зголеми на 0:3, а фрустрацијата кај играчите на Јунајтед се покажа кога Кристијано Роналдо во финишот на полувремето избегна заслужен црвен картон за фаулот над Кертис Џонс. Салах го казни тоа за 0:4 пред крајот на првите 45 минути.
Како што завршија, така и го почнаа второто полувреме – Мохамед Салах во 50. минута зголеми на 0:5 за да го комплетира хет-трикот и да ја потврди неверојатната форма во која се наоѓа. Роналдо две минути подоцна постигна убав гол, но тој беше поништен поради офсајд, пред Јунајтед да останат со играч помалку во 60. минута, по грубиот старт на Пол Погба над Кеита, по кој фудбалерот на Ливерпул мораше да биде заменет.
Илјадници навивачи на Јунајтед почнаа да си одат од стадионот, нешто што не се случило во блиската историја, и сега ќе има многу тешки прашања кои ќе треба да се одговорат од лидерите на клубот. Ливерпул, пак, покажува дека останува еден од најголемите ривали за англиската титула и се искачува на второто место на табелата со 21 поен, само еден помалку од Челси, и еден пред Сити.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк