Top Sport

Само бод за Сити кај Вулверхемптон (Видео)

Вулверхемптон и Манчестер сити одиграа 1:1 (0:0) во првиот натпревар од третото коло во англиската Премиер лига.

Актуелниот шампион против борбениот домаќин, доминираше во текот на целиот натпревар, три пати неговите фудбалери ја погодија рамката на голот, но не успеаја да го освојат целиот плен. „Граѓаните“ во првите две кола постигнаа осум гола, но против Вулверхемптон само еднаш ја погодија метата.

Играчите на Вулверхемптон главно беа концентрирани на одбраната, а своите шанси ги бараа преку брзите контранапади и од прекините.

Откако домашните играчи постигнаа гол, во првиот дел, кој беше поништен поради офсајд, фудбалерите на Сити два пати опасно се заканија. Најпрвин Агуеро го погоди дирекот, а потоа по ударот на Стерлинг, голманот Руи Патрисио го одбрани со помош на гредата.

Првиот гол на мечот го постигна Боли, кој по корнерот на Мутињо со рака ја проследи топката во голот на Едерсон. Водството на Вулверхемтон траеше 12 минути, кога во 69.минута успеа да израмни Лапорт.

До крајот на мечот Сити притискаше кон голот на Руи Патрисио, а најдобрата шанса за победа ја пропушти Агуеро. Слободниот удар што го изведе Аргентинецот во 95.минута заврши во гредата.

Scroll to Top