Аргентинскиот селектор Хорхе Сампаоли прифаќа дека шансите на Аргентина по третпат да стане светски шампион повеќе зависат од Лионел Меси отколку од неговите квалитети како тренер.
Сампаоли беше повикан во репрезентацијата пред последните четири меча во квалификациите за СП во Русија, за на крајот Меси со фантастичен хет-трик да донесе 3:1 победа на гости кај Еквадор и да обезбеди билет за Мундијалот.
„Ова ќе биде неговиот тим. Тој е најдобриот и во тој степен на зрелост што може да го носи тимот на своите рамења. Ова дефинитивно повеќе е негов тим, отколку мој“, изјави Сампаоли пред петочниот пријателски меч против Италија на стадионот „Етихад“ во Манчестер.
Околу неуспехот на Меси да освои голема титула со Аргентина многу се пишуваше последните години, а Мундијалот во Русија може да биде негова последна шанса за голем успех, посебно бидејќи тој веќе има 30 години.
Во составот на Сампаоли нема да биде напаѓачот на Манчестер сити, Серхио Агуеро поради повреда на бутниот мускул, но уште полоша вест доби Пауло Дибала, кој воопшто не е повикан за пријателските мечеви, за кого Сампаоли вели дека тешко ќе се најде место во тимот.
„Компликувано е да го натераме Дибала да се навикне на нашиот стил. Не можевме да ги подобриме неговите перформанси и ќе треба да процениме дали сегашните играчи се подобри од Пауло или ќе работиме со него“, објасни поранешниот тренер на Севилја.
Фото: ЕПА