Интер и Милан се блиску до реализацијата на нивниот проект за изградба на нов стадион, откако локалниот совет на Милано одлучил дека „Стадио Џузепе Меаца на Сан Сиро“ не е културно релевантен споменик.
Двата клуба бараат целосно рушење на стадионот и градење на нов супер-модерен стадион на негово место, нешто што наиде на отпор на дел од локалните власти. Но, сега, според документите кои ги објави весникот „Ла република“ се дава оценка на локалниот совет дека сегашниот стадион не е „културно релевантен за градот Милано“.
Причината за ова е што оригиналната архитектура од 1925/26 и проширувањето во 1937/39 веќе е „проголтано“ од третиот ред седишта на стадионот и промените кои беа направени пред Светското првенство во 1990 година. Со ова се оценува дека стадионот не е постар од 70 години и не е „културно релевантен“.
Последниот план на Милан и Интер предвидува на местото на стадионот да се направи парк или терени за тренинзи, додека стадионот ќе биде изграден над сегашниот паркинг.