Top Sport

Санчо повторно стрелаше, Дортмунд со тешка победа кај „јарците“ (видео)

Борусија Дортмунд успеа да ја впише втората победа во второто коло од Бундеслигата, откако на гостувањето кај повратникот во лигата, Келн стигнаа до тешко извојувана 3:1 победа.

Иако „милионерите“ имаа и над 70 отсто од поседот на топката, во водство дојдоа домаќините откако Доминик Дрекслер во 29. минута беше оставен сам во шестнаесетникот при еден корнер и со глава го совлада Роман Бирки.

Иницијативата на Дортмунд вроди плод дури во 70. минута, кога англиската сензација, 19-годишниот Џејдон Санчо беше оставен сам во шестнаесетникот и упати прекрасен удар за да израмни за тимот на Лусиен Фавр. Ова е втор гол за Санчо во два меча, откако стрелаше и при 5:1 победата над Аугзбург пред една недела.

Победничкиот гол за гостите го постигна Ашраф Хакими во 85. минута откако беше највисок во скокот по едно нафрлање за одличен старт на сезоната за „милионерите“, пред Пако Алкасер во 94. минута да ги постави конечните 3:1.

Scroll to Top