Top Sport

Сари: Фрустриран сум! Играчите не ги знаат основните движења

Менаџерот на Челси, Маурицио Сари, по убедливиот пораз од Борнмут (4:0), рекол дека повеќе од очигледно е дека играчите не ги научиле основите на неговата фудбалска филозофија.

„Сините“, по синоќешниот пораз во рамките на 24.коло во Премиер лигата, прв пат од почетокот на сезоната испаднаа од Топ 4. На табелата се петтопласирани со 47 бода колку што има и Арсенал на четвртото место.

Сари е загрижен од односот кон играта што го покажале неговите фудбалери. Челси четирите гола ги примија во второто полувреме.

„Не сум лут, јас сум фрустриран. Не можам да поверувам дека второто полувреме беше толку катастрофално. Се обидувам да разберам, но не успевам зошто е тоа така. Грешката е моја, не ги мотивирав играчите, ситуацијата е тешка. Бевме добри во првото полувреме, потоа примивме гол и престанавме да играме како тим“, рекол Сари.

Потоа тој ги потенцирал пропустите што ги правеле неговите играчи на теренот.

„Мислев дека играчите го прифатија мојот стил. Очигледно дека тоа не е така, поради тоа но се случуваат вакви работи. Се уште не сме ги научиле основните движења. Мораме да работиме на основните работи, на фундаментите на мојата филозофија. Кога ќе ги совладаме ќе можеме да одиме понатаму“, порачал Сари.

Челси во наредното коло ќе играат против „фенерџијата“ Хадерсфилд.

Scroll to Top