Top Sport

Сасуоло го шокираше Интер на „Сан Сиро“, Милан останува лидер во Серија А

Сасуоло стигна до неверојатна 0:2 победа над италијанскиот шампион Интер на „Сан Сиро“, со што „нераѕурите“ не го искористија вчерашниот кикс на Милан против Салернитана, останувајќи на второто место на табелата.

Победата на гостите беше обезбедена во првите 20-тина минути игра, откако прво Џакомо Распадори уште во 8. минута донесе водство за Сасуоло, за во 26. минута, Џанлука Скамака, еден од најпосакуваните италијански напаѓачи (и мета на Интер) да зголеми на 0:2. Одличното прво полувреме за Сасуоло можеше да стане уште подобро, но Доменико Берарди, кој беше моторот на играта на неговиот тим, ја погоди пречката.

Интер, разбирливо тргна во напад во второто полувреме, но Един Џеко и посебно Лаутаро Мартинез беа неефикасни пред голот на Консиљи. Аргентинецот Лаутаро имаше совршена шанса, но промаши празен гол во 75. минута. Во 94. минута, кога веќе беше предоцна за камбек, Артуро Видал одлично го најде Стефан де Фрај за 1:2, но голот беше поништен поради игра со рака.

Интер со 54 поени останува на второто место со два поени помалку од Милан, иако со натпревар помалку, додека Наполи се трети со 53 поени во неизвесна сезона во Серија А. Сасуоло се на 11. место со 33 поени.

Standings provided by SofaScore LiveScore

Scroll to Top