„Летечкиот“ старт на сезоната на Евертон на Карло Анчелоти сопре на „Сент Мерис“ во Саутемптон, каде што домаќините стигнаа до заслужена 2:0 победа за веќе да нема непоразени во англиската Премиер лига.
Мечот беше решен во седум минути во првото полувреме – во 27. минута Џејмс Ворд-Прауз доби одлична топка од Дени Ингс за уште поубав гол, за во 35. минута, Че Адамс повторно на асистенција на Ингс да зголеми на 2:0. Сите надежи за камбек на „карамелите“ завршија во 72. минута, кога Лукас Дињ доби заслужен директен црвен картон.
Евертон остануваат први на табелата со 13 поени, идентично како и второпласираните градски ривали Ливерпул, додека Саутемптон сега се петти со 10 поени.