Top Sport

Се „заредија“ поразите на Ливерпул – Челси ги елиминираше од ФА купот (видео)

Откако ривалите чекаа долго време Ливерпул да загуби еден меч, на „црвените“ им тргна со поразите, откако го забележаа третиот пораз во три различни натпреварувања во вторникот навечер – губејќи со 2:0 од Челси во осминафиналето од ФА купот, што значи дека сигурно нема двојна домашна титула.

По поразот во првиот меч од осминафиналето од Лигата на шампионите од Атлетико (1:0) и шокантниот пораз  од Вотфорд во Премиер лигата (3:0), сега „црвените“ испаѓаат од ова натпреварување, со што доколку не успеат да ја надминат разликата на Атлетико во ЛШ, само рутински ќе ја прослават титулата од ПЛ.

Во возбудливо прво полувреме, Челси имаа 11 удари (од кои 4 во рамкате на голот), додека Ливерпул имаа 9 удари (од кои 5 во рамката на голот), но тимот на Френк Лампард успеа да дојде до водство, откако Вилијан упати удар од далеку уште во 13. минута, а топката некако се протна меѓу рацете на Адријан. Кепа својот камбек на голот на Челси го одбележа со една фантастична тројна одбрана за четири секунди.

Во 63. минута, Мејсон Маунт ја погоди пречката за Челси, за една минута подоцна, Рос Баркли да зголеми на 2:0 по фантастична соло-акција која почна од неговиот шестнаесетник. Клоп потоа во игра ги уфрли Фирмино и Салах, но до крајот на мечот немаше гол за гостите – додека Жиру уште еднаш ја погоди пречката.

Scroll to Top