Селекторот на холандската фудбалска репрезентација Роналд Куман изјави дека е горд на репрезентативците кои изборија пласман во полуфиналето на Европското првенство.
Холандија во среда против Англија ќе се бори за пласман во финалето на ЕП 2024.
Холандската фудбалска репрезентација се пласираше во полуфиналето на Европското првенство, откако во Берлин во четвртфиналето ја совлада Турција со 2:1.
„Ние сме мала нација, а во полуфинале сме со Англија, Франција и Шпанија. Горди сме што играме во полуфиналето на Европското првенство. Моравме да успееме и дадовме се од себе на натпреварот со Турција. Не беше лесно, имаше емотивна игра, играчите го оставија срцето на терен“, изјави Куман.
Тој истакна дека е задоволен од играта на тимот и во вториот дел.
„Покажавме дека знаеме како да се вратиме во мечот иако губевме со 1:0. На крајот стигна големата награда, пласман во полуфиналето на ЕП“, додаде Куман.
“Англија има добри играчи, но и ние. Играме во Дортмунд, кој е блиску до Холандија. Можеби тоа ќе направи разлика на овој натпревар”, заклучи холандскиот селектор.