Шкендија имаше совршена подготовка за вистинскиот тест, реваншот од баражот за влез во Лига Европа со Розенборг, откако со 4:1 го совлада тимот на Беласица во последниот меч од третото коло од Првата лига.
До првата победа во третиот меч од новата сезона (првите два меча завршија нерешено), тетовци дојдоа благодарение на Изаир Емини, кој постигна хет-трик и ја неутрализираше раната предност на Беласица, која го шокираше шампионот во 10. минута преку Ирфан Вусљанин.
Емини врати во 35. минута, пред Станио Жуниор да донесе водство за шампионот. Емини го комплетираше хет-трикот во второто полувреме, прво во 76. минута, а потоа во 80. минута од белата точка.
За Шкендија нема време за одмор, бидејќи во четврток го пречекува норвешкиот шампион Розенборг во реваншот од баражот за Лига Европа. Првиот меч во Норвешка заврши со победа на Розенборг од 3:1.