Голманот на Јувентус, Војчех Шчесни признава дека ги мрази италијанските весници поради оценките за фудбалерите, кои според него се „смешни“.
Полјакот последните три години е во Италија по трансферот од Арсенал, но признава дека не може да се навикне на нивните медиуми.
„Ги мразам весниците. Тоа се смени многу кога пристигнав во Италија, бидејќи не го знаев јазикот и не знаев што кажуваат за мене. Го научив јазикот, но продолжив да не ги читам. Нивните оценки на играчите по екој меч ми се смешни, бидејќи само тие знаат по кој критериум го прават тоа. Еден весник ќе му даде на Гонзало Игуаин 5.5, другиот 7.5. Што значи тоа?“, вели Шчесни.
Полјакот исто така откри зошто се решил да стане голман.
„Го направив тоа поради мојот татко, плус секогаш сакав да бидам најдобар меѓу пријателите. Знаев дека тоа можам да го направам на голот. Верувам дека треба да си ’роден’ голман, бидејќи треба да имаш одредени квалитети. Менталната сила е најважна, бидејќи грешките не се дозволени“, вели Шчесни.