Поранешниот голман на Арсенал, Војчех Шчесни го опиша Робин ван Перси како „екстремно арогантен“ за неговото заминување во Манчестер јунајтед, а не ги „штедеше“ ниту другите поранешни соиграчи од „топчиите“.
Полјакот помина осум сезони на „Емирати“ (од кои три на позјамица во Брентфорд и Рома), пред во 2017 година да замине во Јувентус и сега таму да го замени вечниот Џиџи Буфон како голман број 1. 28-годишниот Шчесни за Ван Перси, кој беше во Арсенал од 2004 до 2012 пред да замине во Манчестер јунајтед вели дека згрешил со трансферот.
„Тој можеше да донесе поинакви одлуки и да оствари многу со Арсенал. Но, тој е екстремно арогантен понекогаш. Да, кога замина во Јунајтед следната година ја освоија титулата, меѓутоа потоа остана на клупата, се пресели во Турција и неговата голема кариера заврши“, вели Шчесни, иако Ван Перси уште е активен фудбалер на Феенорд.
Шчесни имаше што да каже и за Самир Насри и Александер Хлеб.
„Насри мислеше дека е некој гангстер. Сите познаваат некој таков во школо, кој е силен и има големи пријатели и мисли дека е кул. Хлеб? Тој можеше да направи многу во фудбалот, но за жал премногу го сакаше алкохолот“, додава Шчесни.