Top Sport

Шефот на Бундеслигата најавува колапс на пазарот на фудбалери

Додека трае принудната фудбалска пауза низ Европа поради корона вирусот, а медиумите шпекулираат кој би можел да купи кого во текот на летото, шефот на германската Бундеслига, Кристијан Зајферт предвидува „колапс“ на летниот преоден рок.

Бундеслигата паузира од почетокот на март, но се очекува Германците да издејствуваат враќање на терените на почетокот на мај бидејќи земјата е една од најефикасните во борбата против КОВИД-19. Сите клубови од првите две лиги во Германија се вратија на тренинзи оваа недела, иако се оддржуваа со посебни мерки и тренирање во групи по двајца.

„Ние сме дел од културата на земјата, луѓето сакаат да вратат дел од нормалниот живот, а дел од тоа е и да се игра Бундеслигата. Затоа мораме да ја завршиме нашата улога тука и да ја поддржиме владата во мерките за брзо враќање на фудбалот“, вели Зајферт за „Њујорк тајмс“.

Зајферт оценува дека ако сезонта во Бундеслигата не се заврши, ќе имаат загуби од 750 милиони евра, и дека половина од второлигашките екипи се под закана за банкрот. И да се врати фудбалот во мај, без навивачи на трибините загубите ќе бидат над 100 милиони евра и тој очекува летниот преоден рок да биде сосема поинаков.

„На кратки патеки, сметам дека летниот преоден пазар нема да постои ова лето, дека ќе се случи колапс. Некои агенти одеднаш ќе сфатат дека мораат да работат понапорно, лигите ќе сфатат дека парите не се нешто што автоматски пристигнуваат секој месец од небо“, вели Зајферт.

Scroll to Top