Top Sport

Шесте англиски клубови уште се дел од Суперлигата, чекаат „рестарт“?

Шесте англиски клубови (Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Арсенал, Ливерпул, Тотенхем и Челси) уште се формални членови на контроверзниот проект Европска Суперлига, и организаторите сметаат дека нивниот план ќе има нов „рестарт“, тврди британскиот „Тајмс“.

Иако шесте клуба од Премиер лигата се повлекоа од Суперлигата во 72 часа по обидот за формирање на елитна европска лига во април, „Тајмс“ тврди дека тие остануваат ко-сопственици и акционери на холдинг-компанијата формирана во Шпанија, бидејќи не постои механизам за повлекување од лигата.

Организаторите, во прв план трите клуба кои ниту формално не се повлекоа од проектот – Барселона, Реал Мадрид и Јувентус, сметаат дека ова е само почеток на планот за елитната европска лига, бидејќи со сегашните средства кои ги добиваат од УЕФА едноставно „не може да се продолжи“.

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез постојано тврди дека 12-те клуба имаат „обврзувачки договор“ и дека идејата продолжува. УЕФА минимално ги казни 9-те клуба кои се повлекоа од лигата, но ја стопираше дисциплинската постапка против Реал, Барса и Јуве поради одлуката на трговскиот суд во Мадрид, кој одлучи дека УЕФА нема право да ги казни или исклучи клубовите. Покрај тоа, Суперлигата поднесе случај пред Европскиот суд на правдата, на кој треба да се одлучи дали тие имаат право да организираат натпреварувања.

Scroll to Top