Фудбалерите на милански Интер во третото коло од групата Д во Лигата на шампионите, вечерва од 21 часот против најголемото изненадување досега во елитата, молдавски Шериф Тираспол ќе се обидат да дојдат до првата сезонска победа, по ремито со Шахтјор и домашниот пораз од Реал Мадрид.
Дефанзивецот на „Нероазурите“, Милан Шкрињар смета дека од почетокот на сезоната примиле премногу голови.
„Примаме многу голови, но такви се тимовите на Инзаги. Мора да најдеме рамнотежа меѓу одбраната и нападот. Ако не примите гол, имате поголема шанса за победа. Не сме среќни поради примените голови и мора да се поправиме“ вели стоперот на Интер.
Тој додава и дека сите мора да дадат максимум за Шериф да падне во Милано.
„Сите играчи кои дојдоа ова лето ја знаат нашата цел, да отидеме што подалеку во ЛШ. По мое мислење, тоа не е неопходно да се нагласува. Сите знаеме што за Интер значи настапот во ЛШ. Мора да се концентрираме на победа“ вели репрезентативецот на Словачка.