Борусија Дортмунд не победи, но по 20.коло во Бундес лигата ја зголеми предноста на табелата над Баерн Минхен. Лидерот Борусија ремизираше со Ајнтрахт, а Баерн иако имаше предноста на полувремето го загуби натпреварот во Леверкузен.
Борусија гостувањето во Франкфурт го отвори со голот на капитенот Марко Ројс во 22 минута. Истиот играч четири минути подоцна ја погоди гредата. Ајнтрахт израмни преку Лука Јовиќ, кој во 36 минута го совлада одличниот Роман Бурки.
Српскиот репрезентативец го постигна 14 гол сезонава и е лидер на листата на најдобри стрелци во Бундес лигата.
Со ист резултат 1:1 како и пресметката во Франкфурт, завршија натпреварите Хофенхајм-Фортуна и Нинберг-Вердер.
Баерн лошо минаа во Леверкузен против Баер, иако од 41 минута имаа предност со голот на Горецка.
„Аптекарите“ одиграа фуриозно во второто полувреме, во кое три пати ја погодија целта. Талентираниот напаѓач Бејли израмни во 53 минута, десет минути подоцна погоди Фоланд, а конечниот резултат го постави Аларио во 88 минута.
Херта не успеа да забележи победа на домашен терен. Екипата од Берлин е поразена од Волфсбург 0:1. Единствениот гол го постигна Вегхорст во 65 минута.