Шпанските фудбалери на Манчестер јунајтед не се задоволни бидејќи сметаат дека клубот им дава предност на англиските фудбалери во преговорите за нови договори, создавајќи нов проблем во соблекувалната на Оле Гунар Солксјер пред финишот на сезоната, јавува „Дејли мејл“.
Давид де Хеа, Андер Ерера и Хуан Мата и нивните агенти сметаат дека се третирани поинаку од клубот, кој наводно сака да се потпре на старата стратегија на „домашни“ фудбалери како под Сер Алекс Фергусон. Лук Шо, Крис Смолинг и Ешли Јанг веќе потпишаа нови договори со клубот од „Олд Трафорд“, но нема договори за Шпанците.
29-годишниот Ерера е блиску до трансфер во Пари Сен-Жермен откако не успеа да издејствува повисока плата во Јунајтед, 28-годишниот Де Хеа веќе цела година преговара со клубот, додека 30-годишниот Мата е исто така пред крајот на договорот.
Покрај овие тројца, Чилеанецот Алексис Санчез, близок пријател на Ерера, има катастрофална сезона и Јунајтед сакаат да се ослободат од неговите скапи услуги.
Изворите на „Дејли мејл“ тврдат дека клубот сака да промовира британски фудбалери, како и фудбалери кои излегле од нивната академија откако под Луис ван Гал и Жозе Мурињо се „изгореле“ со скапите трансфери.