Фудбалската федерација на Шпанија најави дека ќе ја тужи Малта поради обвинувањата дека шпанските фудбалери биле под допинг на квалификацискиот натпревар за пласман на Европското првенство во 1984 година.
Тогаш на „Црвената фурија“ и била потребна победа од 11 гола разлика за да избори пласман на првенството во Франција. Шпанија, на 21 декември 1983 година, успеала да ја победи Малта 12:1 и да се пласира на Европското првенство.
Меѓутоа, весникот „Ас“ ја пренесува изјавата на стрелецот на единствениот гол за Малта на тој меч, Силвио Демануеле, кој рекол дека репрезентативците на Шпанија изгледале како да се под допинг. Тогашниот селектор на Малта, Виктор Скери, изјавил дека неговите фудбалери не се чувствувале добро откако на полувремето конзумирале лимун што им го понудиле Шпанците.
Владеачкото тело на шпанскиот фудбал на својата официјална интернет страница категорично ги отфрли овие обвинувања дополнувајќи дека сите фудбалери „биле чисти во еден од најзначајните натпревари во историјата на репрезентацијата“.
Фудбалскиот сојуз на Шпанија предупреди дека ќе ги тужи сите оние што сакаат да си играат со угледот на шпанскиот фудбал.
Шпанија на Европското првенство во Франција стигна до финалето, кое го загуби од домаќинот со 2:0.