Поранешниот претседател на УЕФА, Мишел Платини, кој беше суспендиран од сите фудбалски случувања поради исплатата од 2 милиони швајцарски франци од ФИФА, е ослободен од швајцарскиот обвинител, тврди франускиот дневен весник „Ле монд“.
Според „Ле монд“, во писмото пратено од Седрик Ремунд, швајцарскиот државен обвинител до адвокатот на Платини, Винсен Солари се потврдува дека Швајцарија нема да го гони легендарниот француски фудбалер.
„Можеме да потврдиме дека оваа процедура веќе нема да биде насочена против вашиот клиент, кој нема да биде обвинет“, се вели во дел од писмото.
Платини беше суспендиран осум години во 2015 година, но казната беше намалена на четири откако швајцарските власти решија да почнат со истрагата за исплатата од 2011 година. 62-годишниот Платини ќе може да се врати на фудбалот во октомври 2019, но неговиот адвокат Солари постојано тврди дека тој е невин.
Фото: ЕПА