Швајцарија ја шокираше Шпанија среде Сарагоса, а Португалија на погон на фудбалерите од Манчестер јунајтед рутински славеше во Прага против Чешка, во Групата 2, од А-дивизијата во Лигата на нации. За првото место во оваа група, во вторник во Брага ќе се борат Португалија и Шпанија.
Шпанија по четири години загуби официјален меч на домашен терен. Швајцарија славеше над „црвената фурија“ во Сарагоса со 2:1. Триумфот на „Ла Ромареда“ е втор за Швајцарците во 25. меѓусебен натпревар со Шпанија.
Шпанците доминираа во поседот на топката, што беше очекувано, но само еднаш спеаја да го пробијат блокот на Швајцарците предводен од голманот Јан Зомер.
Аканџи во 21.минута го постигна првиот гол, израмни Џорди Алба во 55.минута, а три минути подоцна Емболо го постави конечниот резултат.
Португалија ја декласира Чешка со 4:0. Два гола постигна десниот бек Диого Дало, а по еднаш Вацлик го совладаа Бруно Фернадеш и Диого Жота.
Во пресрет на последното коло Португалија има 10 бода, Шпанија осум, Швајцарија шест, а Чешка четири.
Во вторник Португалија ќе ја пречека Шпанија, а Чешка ќе гостува во Швајцарија.