„Антоан Гризман, без дилеми, оваа година беше најдобриот играч во светот“, изјавил во едно интервју тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Пабло Симеоне. Популарниот Чоло, го искажал своето незадоволство и поради тоа што меѓу најдобрите голмани, ФИФА, го нема номинирано Јан Облак, кој минатата сезона во просек примал по 0,52 гола по натпревар, најмалку од сите голмани во светот.
Гризман, минатата сезона ги освои Лига Европа и УЕФА Суперкупот со Атлетико, а со Франција стана светски првак. Индивидуално тој беше прогласен за најдобар играч во финалниот меч, Москва, а во изборот за најдобар играч на Светското првенство заврши зад Лука Модриќ и Еден Азар.
Напаѓачот сезоната ја заврши со 29 гола и 15 асистенции, додека на Светското првенство во Русија беше инволвиран во постигнувањето на седум од 14.гола на Франција (четири гола, три асистенции).
Поради тоа Симеоне смета дека „неговиот“ играч е далеку пред тројката номинирана од ФИФА за престижната „Златна топка“. За потсетување, ФИФА ги номинираше Кристијано Роналдо, Мохамед Салах и Лука Модриќ.
„Срам за ФИФА е што меѓу најдобрите тројца во светот не номинираше ниту еден Французин, бидејќи ние сме светски шампиони. За мене тоа е чудно, а ФИФА треба да се засрами“, изјавил Гризман.