Атлетико и Реал вечерва (21 часот) ќе го одиграат 247 мадридско дерби. Во пресрет на дербито тренерот на Атлетико, Диего Симеоне, истакнал дека никој не е фаворит. Реал градската пресметка ја чекаат од првата позиција, додека Атлетико се веднаш зад нив.
„Кога се играат вакви натпревари фаворит нема. Ќе решаваат детали. Реал има одличен тим, кој дополнително напредуваше во последните неколку натпревари, има исклучителен тренер. Ние ќе мора да го наметнеме нашиот ритам“, рекол Симеоне.
Аргентинецот вечерва 30 пат ќе го предводи Атлетико против Реал (9 победи и по 10 порази и нерешени) и на вечната листа ќе се израмни со легендарниот Луис Арагонес.
На новинарско прашање дали повеќе посакува трофеј во Лигата на шампионите или да победи вечерва, Симеоне одговорил.
„Победа во дербито. Тоа е натпревар што е пред нас. Не одиме подалеку од тоа“.
Последниот меч во Ла Лига, минатата сезона на „Ванда Метрополитано“ Реал го добија со 3:1, додека во подготовките во САД, Атлетико славеа со 7:3.